Економија Ангеловска-Бежоска: Ова е прва криза во којашто првичниот одговор на Народната банка...

Ангеловска-Бежоска: Ова е прва криза во којашто првичниот одговор на Народната банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика

Oва е прва криза во која што првичниот одговор на нашата централна банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика, истакна гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гувернерската панел-дискусија на е-конференцијата „Ковид-19: влијанието врз економијата и политиките на централните банки“, организирана од Лондонската школа за економски и политички науки и Банката на Албанија.

„На пример, за време на глобалната финансиска криза, понискиот прилив на капитал во македонската економијата и тогашната зголемена склоност на економските агенти кон еврото наметнаа зголемување на основната каматна стапка за да се стабилизираат очекувањата, но тоа доведе до пораст на каматните стапки на кредитите и забавување на кредитната поддршка. Овојпат е поинаку, зашто ковид-кризата ја дочекавме со високо и соодветно ниво на девизни резерви, посилни фундаменти на економијата и отсуство на нерамнотежи, што се гледа преку солидната надворешна позиција на економијата и умерената инфлација,“ истакна Ангеловска Бежоска.

Гувернерката посочила дека „имајќи ја предвид сериозноста на шокот предизвикан од пандемијата, со научените лекции од глобалната финансиска криза и со достапноста на веќе подготвениот неконвенционален пакет алатки, овојпат во регионот монетарната реакција беше побрза и посилна, а и подобро усогласена со фискалната политика.“

Коментирајќи ги ефектите од преземените монетарни мерки, Ангеловска-Бежоска нагласила дека меѓу другото, тие мерки преидонеле да не се зголемат трошоците за финансирање, односно каматните стапки и натаму се намалуваат, а се задржала и солидната кредитна поддршка.

„Притоа, кредитниот раст продолжи да расте стабилно во речиси сите земји од регионот, со просечна стапка од околу 6,2 проценти, а во нашата земја, како што посочи гувернерката, дури и забрза и изнесува 7,3 проценти,“ додала таа.