Економија Ангеловска-Бежоска: Има простор за понатамошно водење олабавена монетарна политика  

Ангеловска-Бежоска: Има простор за понатамошно водење олабавена монетарна политика  

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на форумот „Еуромани“ во Виена говореше за амбиентот на исклучително ниски каматни стапки на централните банки и за очекувањата за продолжување на стимулативната монетарна политика во развиените земји, со оглед на ниската инфлација и очекуваното забавување на растот.

Таа нагласи дека имајќи ги предвид силните трговски и финансиски врски со еврозоната, понатамошното олабавување од страна на Европската централна банка е еден од факторите кој што може да придонесе за понатамошно олабавување на монетарната политика и на централните банки во регионот.

Воедно, стави акцент и на монетарната политика на нашата централна банка, која што во изминатите неколку години постојано се олабавува, што придонесува за намалување на цената на финансирањето на корпоративниот сектор и домаќинствата, како и за раст на кредитната активност.

Според Ангеловска-Бежоска, за разлика од дел од развиените економии каде што каматните стапки се околу нулата, во нашиот регион, каматните стапки на централните банки и понатаму се позитивни, што во зависност од специфичните околности во секоја економија покажува дека просторот за монетарната политика во овие земји веројатно е поголем.

Народна банка вчера ја намали основната каматна стапка од 2,25 на два отсто.