Македонија Ахмети во Мала Речица побара гласови за повеќе од 10 пратеници во...

Ахмети во Мала Речица побара гласови за повеќе од 10 пратеници во ИЕ6

Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера имаше средба со жителите на Каршијак, Студеничани и на Батинци, а централниот митинг на кој ја претстави изборната платформа за претстојните парламентарни избори, закажани за 11 декември, го имаше во Мала Речица.

Лидерот на ДУИ и носител на кандидатската листа во шестата изборна единица, Али Ахмети, рече дека целта им е победа и мандат за решавање на важни прашања.

– Проблемот за прашањето за името бара разбирање внатре во државата. Ние, партијата ДУИ, се обидовме да не бидеме само набљудувачи, туку се вклучивме на активен начин во решавањето на овие проблеми – рече Ахмети.

Шефот на централниот изборен штаб, Беким Незири, рече дека е особено важно да освојат што е можно повеќе пратенички места и оти би било добро во шестата изборна единица да имаат повеќе од 10 пратеници.

За време на средбите со жители на Каршијак, Студеничани и на Батинци, Ахмети рече дека бара единство на албанскиот, турскиот и на бошњачкиот глас, за посилен мандат во идната влада.