Македонија Ахмети оди во Атина на средба со Коѕиас

Ахмети оди во Атина на средба со Коѕиас

Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграции (ДУИ), на 8 јануари во Атина ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.

Од ДУИ велат дека единствената причина за посетата на Атина е средбата меѓу Ахмети и Коѕиас.

Во соопштението на ДУИ се наведува дека Ахмети и Коѕиас ќе разменат мислења и идеи за добрососедските односи, за отворените прашања меѓу двете земји и за евроатлантските интеграции на Македонија.

Ахмети ќе биде придружуван од пратеникот Артан Груби, од вицепремиерот за Рамковен договор, Муса Џафери, и од вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.

Ова ќе биде втора тет-а-тет средба меѓу Ахмети и Коѕиас, кои се сретнаа и разговараа во грчката Канцеларија за врски во Скопје при јунската посета на шефот на грчката дипломатија.