Македонија Адмирал Бауер: НАТО е благодарен за поддршката на Северна Македонија за Украина

Адмирал Бауер: НАТО е благодарен за поддршката на Северна Македонија за Украина

Високиот воен претставник, истовремено, ги пофали и процесите на реформа и модернизација на македонската армија, како и зголемувањето на средствата за одбрана. Министерката за одбрана потврди дека земјава ќе продолжи со осовременувањето, но и дека нема да запре со поддршката за Украина

Фото: Министерство за одбрана на РСМ, 4 септември 2023

НАТО е благодарен за поддршката што Северна Македонија и ја дава на Украина од самиот почеток на руската агресија, изјави адмиралот Роб Бауер, претседавачот на Воениот комитет на НАТО и највисок воен старешина во Алијансата, на денешната прес-конференција со македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска во Скопје, извести „Гласот на Америка“.

Високиот воен претставник, истовремено, ги пофали и процесите на реформа и модернизација на македонската армија, како и зголемувањето на средствата за одбрана. Министерката за одбрана потврди дека земјава ќе продолжи со осовременувањето, но и дека нема да запре со поддршката за Украина. Досега Македонија донираше авиони Сухои-25, хеликоптери МИ-24, тенкови Т-72, пешадиско вооружување, артилериска муниција, воена опрема за противвоздушна одбрана

„Благодарни сме на поддршката што ја давате на Украина особено со донирањето разновидна воена опрема. Тоа покажува вистинско лидерство. Вие придонесувате и во силите за одговор на НАТО кои ја гарантираат безбедноста и одбраната на сите сојузници. Од влезот во НАТО Северна Македонија презеде важни чекори за спроведување на вашите одбранбени реформи. За три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО адаптирајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО и ја зголемивте вашата интероперабилност“, нагласи Бауер.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска нагласи дека од самиот почеток на воената агресија на Русија врз Украина, Северна Македонија без заддршки ја поддржала нападнатата земја.

„Северна Македонија немаше никаква задршка уште од првиот момент оваа агресија да ја нарече токму тоа што и е – брутална агресија која носи само уништување и болка. Ја нарековме така и дадовме помош, и воена и хуманитарна, затоа што независна и суверена Украина има целосно и морално право и потреба да се одбрани. Украина се брани себе си, но го брани и меѓународниот правен поредок кој се базира на принципи и правила и затоа ја заслужува сета наша помош“, истакна министерката.