Македонија ААВМУ констатирала мизогинија и сексизам на програмите на три радио-станици

ААВМУ констатирала мизогинија и сексизам на програмите на три радио-станици

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) констатирала ширење на мизогинија и сексизам во аудиопораки од заедничката кампања, во сопствена продукција на „Сити радио“, „Клуб ФМ“ и „Метрополис радио-мрежа“, која, како што се вели во нив, е наменета за „сите пре-еманципирани жени“, а која деновиве се емитува на трите радио-станици.

Според Агенцијата, кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Трите радиодифузери што ја продуцирале оваа кампања, стои во соопштението на ААВМУ, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно спротивен на професионално однесување.

„Имено, во кампањата, еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и на омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост“, велат од ААВМУ.

Од Агенцијата информираат дека до трите радио-станици се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, а извештајот од надзорот ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.

Инаку, мизогинија е омраза или предрасуда кон жени или девојки и може да се манифестира на повеќе начини, вклучувајќи ја и половата дискриминација, оцрнувањето на жените, насилството врз жените, како и третирање на жените единствено како сексуални предмети.

Сексизам или полова дискриминација е предрасуда или дискриминација врз основа на полот на една личност и го вклучува верувањето дека лице од еден пол е суштински супериорно во однос на лице од другиот пол.