Македонија ЗНМ: Брутална манипулација на МРТ за дневно-политички потреби

ЗНМ: Брутална манипулација на МРТ за дневно-политички потреби

Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува бруталната манипулација на јавниот сервис Македонска радиотелевизија за дневно партиско-политички потреби. МРТ се финансира од радиодифузна такса на граѓаните и треба да служи на јавниот интерес, сметаат од здружението.

„Дебатната емисија емитувана во живо во недела, во 20 часот, водена од одговорниот уредник Горан Петревски, каде тема на разговор беше аферата „Пуч“, е типичен пример на неприфесионално и неетично однесување на еден новинар, кој работи во јавен радиодифузен сервис.
Место дебатата да послужи како можност јавноста да добие дополнителни информации и анализи за оваа актуелна тема, разговорот се претвори во едногласно навивање за партијата на власт.
Со ваквата емисија, уредникот Петревски ги прекрши основните стандарди и начела предвидени во членот 111 од Законот за аудио и аудивизулени медиумски услуги за новинарите и за уредниците на МРТ.
Преку селекцијата на гостите, Петревски го прекрши законското начело на непристрасност и сеопфатност на информациите, како и начелото за политичка избалансираност и плурализам на гледишта“, стои во соопштението на ЗНМ.