Македонија ЗНМ: Го осудуваме насилството врз новинарите од полицијата и од демонстрантите

ЗНМ: Го осудуваме насилството врз новинарите од полицијата и од демонстрантите

Здружението на новинарите на Македонија најостро го осудува насилството врз новинарите од полицијата и од насилните протестанти во Скопје.

„Насилството против новинарите е неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на медиумите и врз правото на јавноста да се информира за настани од јавен интерес. Поразително е за македонската демократија кога полицијата тепа новинари на протести, наместо да им обезбеди услови за непречена работа. Да се истура граѓанското незадоволство на протести врз новинарите е чин на кукавичлук и на примитивизам. Бараме МВР, обвинителството и судовите да ги откријат и казнат насилниците. Ако брзо не се расветлат овие напади, во јавноста ќе се создаде сомнеж дека институциите свесно толерираат насилство против новинари“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Предупредуваме, се вели понатаму во соопштението, дека ваквото неодговорно однесување на институциите може да поттикне уште посериозни напади против новинарите со трагични последици.

„Повикуваме медиумите да ги покриваат протестите со искусни и обучени новинари, видно означени со потребни легитимации. Новинарите, кога следат насилни протести, пред сè, треба да водат сметка за својата безбедност и да одбегнуваат да се движат меѓу протестантите и полицијата“, стои во реакцијата.