Дописници Земоски: Богоевски ќе одговара за клевета и за лажна изјава

Земоски: Богоевски ќе одговара за клевета и за лажна изјава

Охриѓанецот Беким Земоски, кој од поранешниот разузнувач Слободан Богоевски се споменува како лицето што ги трансферирало парите во скандалот со „Маѓар телеком“, вели дека Богоевски ќе одговара за клевета и за лажна изјава дадена пред судски орган.

– Изјавата при сведочењето на Слободан Богоевски во њурошкиот суд дека јас, Беким Земоски, сум бил посредник, околу наводното мито во врска со аферата со „Маѓар телеком“ е злонамерна и тендециозна, за да наштети на мојот углед и интегритет – изјави Земоски за „Мета“.

Тој одговорно тврди дека не учествувал во никакви нелегални посредувања и активности, за какви што дал исказ Богоевски.

– Со оглед на тоа дека станува збор за лажна, злосторничка и клеветничка изјава дадена под заклетва и под морална и кривична одговорност, ќе ги преземам сите законски мерки, за лицето Слободан Богоевски да одговара за клевета и за лажна изјава дадена пред судски органи – додава во изјавата Земоски.

Претходно се огласи и вицепремиерот за рамковни прашања, Муса Џафери, кој изјави дека подготвува кривични пријави против поранешниот шеф на тајната полиција, Слободан Богоевски, за неговите обвинувања дека тој и лидерот на партијата, Али Ахмети, се вмешани во скандалот за „Маѓар телеком“.