Македонија Задолжително носење зимска опрема во возилата

Задолжително носење зимска опрема во возилата

Фото: mvr.gov.mk

Од денеска почнува примената на законската обврска за задолжително поседување на пропишаната зимска опрема за моторните возила и за работните машини кога учествуваат во сообраќај на пат надвор од населено место. Законската обврска ќе биде на сила во периодот од 15 ноември до 15 март идната година, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Во согласност со прописите, полицискиот службеник ќе нареди на возачот да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Наредба за прекин на движење полицаецот може да даде и ако не постои таков сообраќаен знак ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема. На возачите кои постапуваат спротивно од овие одредби, ќе им се изрекува глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка, пропишува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.