Македонија Граѓанските здруженија ја промовираа акцијата „Заслужуваме подобро“

Граѓанските здруженија ја промовираа акцијата „Заслужуваме подобро“

Граѓански активисти и невладини здруженија денеска напладне ја почнаа акцијата „Заслужуваме подобро“. На штанд поставен пред спомен-домот на Мајка Тереза, активистите делеа летоци на кои е објаснето зошто граѓаните секогаш треба да побараат повеќе. Активистот Никола Писарев вели дека веруваат во капацитетите на општеството и во разумот на граѓаните.

– „Заслужуваме подобро“ е граѓанска акција во која ние, граѓаните, зборуваме за нашите секојдневните проблеми и за нашата итна потреба од подобар живот. Со нашите активности ќе ја пополнуваме празнината што се создаде меѓу активностите на политичарите, Договорот од Пржино и реалните барања и секојдневието на граѓаните. Ние граѓаните имаме право гласно и јавно да зборуваме за политиката, затоа што нашиот живот и нашето секојдневие се политика. Нашиот глас е важен секој ден, не само за време на избори – рече Писарев.

Тој додаде дека власта треба да одговара на прашањата и на потребите на граѓаните без разлика дали ја поддржуваат.

– Заслужуваме повеќе од парче леб, чесна власт, да гласаме без да се плашиме, заслужуваме болници што лекуваат, а не што заразуваат, заслужуваме пристојни училишта за нашите деца, чист воздух и треба да ги бараме овие работи. Не треба да се помириме со тоа дека било и полошо и дека може да биде полошо. Мора да го бараме она што како на граѓани ни следува – вели Писарев.

Во исто време, ваква акција почна и во Штип. Активистот Горан Трајков најави дека ќе разговараат со граѓаните за нивните реални потреби. При тоа, сакаат да го пополнат јазот што го создаваат активностите на политичарите.

– Политичарите заборавија на граѓаните и на нивните проблеми, дека треба постојано да бараат решенија на граѓанските проблеми- вели Трајков.

Акцијата ќе се темели на теренски разговори и на директна комуникација со граѓаните, а ќе ја спроведуваат повеќе од 200 граѓански активисти од 70 граѓански организации во 30 поголеми населени места во Македонија.