Македонија Законот за патни исправи на државјаните на Македонија премина во втора фаза

Законот за патни исправи на државјаните на Македонија премина во втора фаза

Собранието на Република Македонија на денешната седница донесе заклучок за прифатливост на предлогот за изменување и за дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија и негово проследување во понатамошна, втора фаза.

Пратениците од ДУИ гласаа воздражано. Талат Џафери  рече дека тоа е поради дилеми во поглед на некои членови од законот и дека за втората фаза од донесувањето на законот, бара усогласување на ставовите. Во суштина, рече тој, ги поддржуваат измените, но не се согласуваат со некои одредби, како оние што се во врска со санкционирање за загубен или оштетен пасош и за патни исправи на деца родени во странство.

Според Роза Топузовска-Каревска, недоволно дефинирани се и одредбите за патна исправа за децата на иселениците и за тие што се однесуваат на казните за оштетување или губење пасоши и начинот на докажувањето дали тоа било со или без намера.

Една од измените во овој закон е и можноста граѓаните да поднесат барање за патна исправа и да го земат документот не само во местото на живеалиште, туку и во место каде престојуваат, а тоа да може да се прави и надвор од службените простории на МВР, а за иселениците надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Како што кажа министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулосла, ќе нема разлика во процедурата. Според неа, целта на законот е подобрување на услугите за граѓаните.

За грижливо чување на патните исправи, се воведуваат санкции за секое понатамошно губење или оштетување. Сопственикот е одговорен ако се докаже дека уништувањето е со умисла.