Македонија Заев осомничен за поткуп од 200.000 евра

Заев осомничен за поткуп од 200.000 евра

Министерството за внатрешни работи го сомничи претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за случај на корупција од 200.000 евра.

„Пријавениот во периодот од ноември 2013 година до денес, во својство на градоначалник на Општина Струмица, на лице од Струмица директно за себе и за друг, му побарал подарок од значителна вредност во износ пресметан од две евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, за кое оштетениот бил заинтересиран да го приватизира. Земјиштето е со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри, така што вкупната сума што е побарана од оштетениот изнесува околу 200.000 евра. Според документираните сознанија, подарок по една половина требало да биде за пријавениот и за изградба на црква во Струмица“, информираат од МВР.

Според информациите од МВР, барањето на поткупот, уште кон крајот на декември 2013 година, оштетениот го пријавил и пред надлежниот јавен обвинител, по што било почнато преземањето на соодветни мерки и активности за докажување на кривичното дело.

„По остварените две средби помеѓу оштетениот и осомничениот во текот на минатата година, како и по обезбедувањето на неопходните докази, произлегоа основите на сомневање дека пријавениот З.З. го сторил кривичното дело примање поткуп од член 357 од Казнениот законик“, велат од МВР.