Македонија Забрчанец: Руската пропаганда може да собере колку сака ботови во Македонија, ние...

Забрчанец: Руската пропаганда може да собере колку сака ботови во Македонија, ние сме држава во која владее демократија

Извор: Скриншот од вебинар

Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, во „Утрински брифинг“ утрово зборуваше за информациската војна што ја придружува руската инвазија на Украина. Тој смета дека Западот победува во војната со руската пропаганда и отпорот кон демократијата.

„Дефинитивно постои информациска војна, која не е ново, постоеше и порано. Но, она што се разликува е тоа што Западот излезе од таа вкочанетост кон руската пропаганда. Мислам дека Западот сега ја добива таа војна не само со руската пропаганда, туку и со војната против демократијата“, вели Забрчанец.

Анализите покажуваат дека Русија и на тој информативно-пропаганден фронт не се подготвила сосема добро. Воените аналитичари, пак, велат дека Русија сѐ уште нема преземено хакерски напади оти се свесни дека тоа може да предизвика контраудар и да ги урне нивните платформи.

„Се согласувам дека тоа е причината. Хакерството не го измислиле Русите. За првпат Западниот блок демонстрира јасна повторувачка порака, се сосредочи и демонстрираше прецизна информација. Демократијата секако е посилна од антидемократијата но досега беше дисперзирана. Руската инвазија ја обедини демократијата. Сега сите велат поддршка за суверенитетот, осуда на војната и апел за мир. Од друга страна пропагандата од Русија е сосема конфузна. Има обвинувања дека Украина има хемиско оружје, а да имаше ќе го употребеше“, вели Забрчанец.

Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи вели дека Македонија е дел од западниот комуникациски систем и се координира со западните комуникациски пораки. Тој додава дека се следат на интернет различни платформи кои шират руска пропаганда и велат дека Русија ѝ се заканува на Македонија со некои смешни наслови.

„Се поставуваат слики од лидерот на Левица со Путин со наслов „Конечно некој нормален“. Ако тоа е нормално, тогаш мнозинството излегува дека е ненормално“, вели Забрчанец.

Во врска со страниците на интернет кои вршат проруска пропаганда, Забрчанец вели дека Владата има јасна стратегија за сузбивање на дезинформациите и за воведување медиумска писменост. Во делот на кривичното право, правилата се јасни – ако имате закана, тогаш настапува Обвинителството, објаснува тој.

Ние не го гледаме НАТО како нешто туѓо, ние сме дел од него. Сме се подготвувале за тој систем и во делот на комуникацијата сме пофалени, вели Забрчанец за Утрински брифинг.