Македонија „За заедничка Македонија“ порача дека нема да дозволи да се раздели црвеното...

„За заедничка Македонија“ порача дека нема да дозволи да се раздели црвеното и жолтото

Со мирен марш од Влада до Собрание, граѓани протестираа за да го изразат своето незадоволство од, како што велат, „прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев“.

Собирот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ или, како што организаторите го нарекуваат „четврти Илинден“, почна пред Владата каде учесниците извикуваа „Македонија“ и „Чиста Македонија“.

Организаторите од име на граѓаните пред Собрание порачаа дека нема да дозволат црвеното и жолтото да бидат разделени. Се пееше македонската химна и песната „Едно име имаме“.

– Со еден симболичен гест сакаме да им покажеме како се сака Македонија. Тие сакаат да ги раздвојат црвената и жолтата од македонското знаме. Ние не сакаме и нема да го дозволиме тоа. Тие сакаат разнебитување, ние сакаме заедничка Македонија, затоа нашиот симбол ќе биде спојување на црвеното и на жолтото, црвено-жолтата линија која нема да ја поминат – рече во својот говор Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.