Македонија Во Скопје скратени градски линии, пречки во сообраќајот до Попова Шапка

Во Скопје скратени градски линии, пречки во сообраќајот до Попова Шапка

Поради големите врнежи на снег вчеравечер и во текот на ноќта, има скратување на линиите на јавниот автобуски превоз во Скопје, како и одредеи проблеми на патот до Попова Шапка.

Поради снегот денеска во Скопје не сообраќаат автобусите со број 69 и 69а.

Како што информира ЈСП Скопје, автобусот со број 25 место до Средно Водно сообраќа до комплексот „Соравиа“, а автобусот со број 28 место до „Македонско село“ сообраќа само до Козле.

Од приградските линии, автобусот со број 65 наместо до селото Раштак сообраќа до селото Црешево, а 81 наместо до Блаце сообраќа до Горњани, а автобусот на линијата 60 сообраќа само до магацините на АРМ.

Надвор од Скопје, забрана за движење на тешки товарни и за патнички возила без зимска опрема е воведена изутрина во 8:20 часот на патот до Попова Шапка, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

Поради интензивните врнежи од снег претходно беа воведени забрани за движење на камиони и на регионалниот пат Дебар-Маврово и на магистралниот пат Гостивар – Кичево, поточно на планинскиот превој Стража.

Сообраќајот на другите државни патишта се одвива отежнато по влажни коловози. Снег врне кај Страцин, на Маврово, Стража, Буково, Ѓавато, Попова Шапка, Пресека и во Смојмирово.