Македонија Владата ќе гo чествува Илинден под мотото „Сите сме деца на Илинден“

Владата ќе гo чествува Илинден под мотото „Сите сме деца на Илинден“

На предлог на Организациониот одбор, Владата ја утврди Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август Илинден.

„Слоганот под кој се обединети сите чествувања, е „Сите сме деца на Илинден“ како концепт кој ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, празнуваме, кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава“, велат од Владата.

Свеченостите по повод Денот на Републиката започнуваат со активностите на претседателот Стево Пендаровски, кој заедно со делегациите ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и ќе се поклонат пред споменикот на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто.

Одбележувањето на празникот истиот ден се чествува и во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. На свеченоста по повод Денот на Републиката – 2 Август, и по повод 75 годишнината од првото заседание на АСНОМ ќе говори претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август во Крушево ќе се одржи на Мечкин Камен, каде после положувањето свежо цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, следува обраќање на премиерот Зоран Заев.

Како дел од Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август, се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.