Македонија „Цивил“: Фантомските гласачи смениле адреса на живеење

„Цивил“: Фантомските гласачи смениле адреса на живеење

Невладината организација „Цивил“ смета дека ревизијата на избирачкиот список не дава резултати. Како што информираа денеска на прес-конференција, во повеќе од 200 случаи на фантомски гласачи чии податоци биле доставени до невладината организација, тие забележале дека само два случаи се решени, односно податоците се коригирани.

– Уште позагрижувачки се случаите кога фантомските гласачи се тргнати од одредени адреси, за потоа на истите адреси да се појават сосема нови гласачи. Овие случаи се пријавени во „Цивил“ откако засегнатите граѓани поднеле претставки до Државната изборна комисија – изјави Џабир Дерала, претседател на организацијата.

Од невладината организација информираат дека има низа нерегуларности во предизборниот процес, но, исто така, се пожалија од работата на ДИК со објаснување дека државната институција премногу се потпрела на работата на граѓанските здруженија, а за возврат, како што изјави Дерала, не нудат ниту минимум транспарентност и квалитет на граѓаните.

– Нашите набљудувачки тимови и истражувачи дојдоа до голем број случаи во кои напуштени куќи, урнатини, па и непостоечки објекти се дом на фантомски гласачи – изјави Дерала, посочувајќи случаи во Прилеп и во Тетово, каде што гласачи биле регистрирани како жители на напуштени домови и на паркиралишта.

Покрај овие неправилности, од невладината „Цивил“ информираа дека во нашето општество сè уште се присутни предизборните уцени, заканите, злоупотребата на малолетници за политички цели, корупцијата и нетранспарентноста на институциите и на партиите. Исто така, сметаат дека нема напредок во медиумската сфера.