Македонија Тимот на БИРН за „Скопје 2014 под лупа“ ја доби наградата „Никола...

Тимот на БИРН за „Скопје 2014 под лупа“ ја доби наградата „Никола Младенов“

Тимот на БИРН денеска го доби првото место од конкурсот за наградата „Никола Младенов“ што ја доделува Македонскиот институт за медиуми за истражувачка сторија. Наградата ја добија за истражувањето „Скопје 2014 под лупа“, како истражување кое е од особен интерес за јавноста.

Второто место ѝ припадна на Билјана Николовска за документарниот филм „Кога здравствениот систем убива дете“, објавен на ТВ „Телма“.

Третото место го делат Центарот за истражувачко новинарство СКУП за приказната „Во токсичкото кралство на Југохром“ и новинарите Горан Ризаов, Сашка Цветковска и Борјан Јовановски за серијата приказни за истрагата за „Телеком“ објавени на „Нова ТВ“ .

Годинава, пофалници за истакнат новинарски ангажман при истражувачка сторија добија неколку новинари, меѓу кои Сашка Цветковска, Владо Апостолов, Петар Клинчарски и Сузана Мицева.

Годинешново доделување на наградите беше 15. по ред, а од 2013 година оваа награда го носи името на трагично починатиот истакнат новинар и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов.

Како што информираше жирито, годинава биле пријавени 20 автори со 37 стории и се забележуваат повеќе стории објавени на интернет-медиумите за разлика од печатените, од каде што конкурирале многу малку новинари.