Македонија ССНМ: Сопствениците на медиумите да обезбедат заштитна опрема за новинарите и вработените

ССНМ: Сопствениците на медиумите да обезбедат заштитна опрема за новинарите и вработените

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, ССНМ, апелира до сопствениците на медиумите да преземат соодветни мерки на заштита за вработените во редакциите.

„Имајќи го предвид фактот дека новинарската професија после медицинскиот персонал е една од најзагрозените професии во борбата против ширењето на корона вирусот, а со оглед на недостигот од заштитна опрема во аптеките и во продавниците, ССНМ бара од Кризниот штаб при Владата да најде начин за обезбедување на соодветни количини заштитна опрема (гел за дезинфекција, ракавици и маски) за редакциите“, стои во соопштението на ССНМ.

Истовремено, се повикуваат сопственциите на медиумите, секој во рамките на своите можности, да ја организираат работата во редакциите на најефикасен можен начин, за обезбедување барем минимална заштита на своите вработени.

„Новинарите и медиумските работници се значајна алка во борбата против корона вирусот. Тие извршуваат задачи од јавен интерес, без кои не може да се замисли процесот на искоренување на вирусот во Македонија. Затоа нивната заштита е, и треба да биде еден од приоритетите во општеството“, се вели во соопштението.