Македонија Состанок на академиите на науките и на уметностите од Југоисточна Европа во...

Состанок на академиите на науките и на уметностите од Југоисточна Европа во Скопје

На 12 јуни 2015 година, петок, во Македонската академија на науките и на уметностите (МАНУ), со почеток во 10 часот, ќе се одржи состанок на Меѓуакадемискиот совет на академиите на науките и на уметностите од Југоисточна Европа, на кој ќе присуствуваат претседатели и претставници на Академијата на науките на Албанија, Академијата на науките и на уметностите на Босна и Херцеговина, Академијата на науките и на уметностите на Република Српска, Бугарската академија на науките, Косовската академија на науките и на уметностите, Македонската академија на науките и на уметностите, Српската академија на науките и на уметностите и на Црногорската академија на науките и на уметностите.

На состанокот ќе бидат разгледани резултатите од досегашната соработка и од заедничките проекти на кои работат академиите, како и можностите за продлабочување и за проширување на научно-истражувачката соработка помеѓу академиите во Југоисточна Европа.

Истовремено, на седницата ќе се донесе и заедничка декларација во која ќе се истакне улогата на академиите и на науката во услови на чувствителните мигови во поглед на надворешно и внатрешнополитичките, интеграциско-реформските и економските процеси во кои се наоѓа регионот на Југоисточна Европа, како и за значењето на науката и на истражувањето како приоритетно поле и платформа за промоција на меѓусебното разбирање, соработка, толеранција и интеграција.