Македонија Синдикален протест утре во 12 часот

Синдикален протест утре во 12 часот

Синдикатите и здруженијата што ги штитат работничките права за утре, 1 Мај – Денот на трудот, во 12 часот, најавија голем синдикален протест на кој ќе ги истакнат нивните барања кои треба итно да бидат прифатени од страна на надлежните власти.

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и на здруженијата за заштита на работничките права до работничките, работниците и до сите граѓанки и граѓани на Република Македонија испратија и првомајски проглас во кој се вели дека нема демократија без социјална правда и економска рамноправност.

„Работничките права се подлога на сите други граѓански права, бидејќи 99 отсто од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Традицијата нè обврзува, но современата работничка стварност десеткратно повеќе нè притиска да излеземе на улиците на Меѓународниот ден на трудот. На 1 Мај огласуваме нова етапа во нашата синдикална борба, во која здружено мораме да се фатиме во костец со угнетувањето кое ни иде од различни страни. Мораме да го возвратиме ударот со подобра организација на нашите капацитети, појасна артикулација на нашите заложби и помудра стратегија за нивното постигнување“, се вели во прогласот.

Протестот ќе почне во 12 часот, пред зградата на Дом „Ибни Пајко“ кај Камен мост.