Македонија Сиљановска Давкова го честиташе Курбан Бајрам

Сиљановска Давкова го честиташе Курбан Бајрам

Сиљановска Давкова на верниците им посака празничните денови да им донесат среќа, радост, љубов, хармонија и мир

Фото: Собрание на РСМ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска по повод големиот муслимански празник Курбан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед.

Таа на верниците им посака празничните денови да им донесат среќа, радост, љубов, хармонија и мир и нагласи дека Курбан Бајрам ги потенцира благодетелта, дарувањето и солидарноста, инспирирајќи нѐ на хумани дела и поддршка на сите на кои им е потребна.

„Да си даруваме и помагаме, да си бидеме поткрепа еден на друг, заедно во добро и лошо без разлика на верската, етничката, половата или било која припадност и да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани. Честит Курбан Бајрам“, напиша Сиљановска Давкова.