Македонија Шилегов: Без регулација на медиумите, не може да има фер избори

Шилегов: Без регулација на медиумите, не може да има фер избори

Портпаролот на опозицискиот СДСМ, Петре Шилегов, денеска на прес-конференција рече дека е крајно време да се договорат чекорите и системските решенија за регулација на медиумите.

Тој рече дека без регулација на медиумите, не може да има фер и демократски избори.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случи и дали ќе одат на избори ако нема регулација на медиумите, тој рече дека сè уште има време да се прифатат обврските од Договорот од Пржино.

– Наместо објективно, избалансирано, навремено и вистинито информирање на граѓаните, медиумите на Никола Груевски шират лаги и водат медиумска пропаганда во интерес на ВМРО-ДПМНЕ. Не само што се ставија во одбрана на срамните одлуки на Уставниот суд за изборните измами, медиумите на Груевски се натпреваруваат кој повеќе ќе одработи за ВМРО-ДПМНЕ. За 10 дена на МРТВ, „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и „ТВ Нова“, се емитувале позитивни прилози за ВМРО-ДПМНЕ во времетраење од 9 часа и 32 минути. Негативни прилози нема. Затоа, пак, негативните прилози за СДСМ се во времетраење од 5 часа и 54 минути. Ова го покажуваат податоците од мерењата според надзор по идентична методологија утврдена од ОБСЕ/ОДИХР. Затоа е потребна слобода на медиумите и затоа е неопходна регулација на медиумскиот простор во интерес на граѓаните – изјави Шилегов.

Тој додаде дека последниот случај со отпуштањето на новинарката од „Сител“ е уште еден пример за притисок врз новинарската професија и директен удар врз слободата на говор во Македонија.