Македонија СЕММ го осуди нападот врз Саше Политико: Очекуваме Пешевски да си поднесе...

СЕММ го осуди нападот врз Саше Политико: Очекуваме Пешевски да си поднесе оставка

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска преку писмено соопштение го осуди физичкиот напад на вицепремиерот Владимир Пешевски врз сопственикот и уредник на порталот „Мактел“, Саше Ивановски.

Од Советот велат дека очекуваат вицепремиерот Пешевски да си поднесе оставка „како чин на преземање одговорност и одлика на демократичност“.

„Како тело кое е одговорно за воспоставување на процесот на саморегулација во македонските медиуми, залагајќи се за што повисок степен на одговорност кај новинарите и за почитување на новинарските стандарди во нивното известување, се прашуваме – како истите да се наметнат во општество во кое носителите на јавна функција физички напаѓаат поради поставено прашање!? За да се очекува новинарите да бидат максимално професионални и етични во своето известување, апсолутно треба да има демократска клима во која функционерите ќе бидат начисто со фактот дека трошат јавни пари и дека имаат обврска да даваат отчет пред јавноста“, се вели во соопштението на СЕММ.

За денеска во 11 часот е најавен протест пред Владата поради вчерашниот инцидент, во кој вицепремиерот Владимир Пешевски физички го нападна Саше Ивановски-Политико.