Македонија Избодел со нож двајца скопјани откако го предупредиле дека вози брзо на...

Избодел со нож двајца скопјани откако го предупредиле дека вози брзо на плочникот во ТЦ „Бисер“

Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди, се вели во соопштението на обвинителството

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишник од Арачиново, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство и Предизвикување општа опасност.

Од обвинителството соопштуваат дека на 11 септември, осомничениот се обидел со умисла да лиши од живот две лица, кои вербално протестирале затоа што со голема брзина управувал автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.

„Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди“, се вели во соопштението на обвинителството.

Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево доставил предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.