Македонија СДСМ: Изгласано уништување на зеленилото во Аеродром за профит на Орце Камчев

СДСМ: Изгласано уништување на зеленилото во Аеродром за профит на Орце Камчев

Ненајавено, кукавички, без дебата, градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, и ВМРО-ДПМНЕ изгласаа нов детален урбанистички план (ДУП), со кој ќе се доуништи зеленилото и природното струење на воздухот, а се зголемува богатството на Орце Камчев, реагираше денеска Златко Марин, претседател на општинската организација на СДСМ во Аеродром.

На прес-конференција тој појасни дека е изгласан ДУП, со кој на местото на тамошниот парк ќе се гради нова деветкатница, како и нови згради покрај Вардар.

– Овие нови градби ќе го сопрат струењето на воздухот и директно ќе придонесат за загадувањето на воздухот. Овде е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром. Го повикуваме Ивица Коневски да одговори на следните прашања: Прво, дали е точно дека зад градбата кај Мајчин дом стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата „Масив контракшн“ ја купил парцелата? Јавно го прашувам Коневски, дали тој има бизнис-интерес тука? – рече Марин.

СДСМ побара итно повлекување на спорниот ДУП.