Свет Русија: Турција е главен потрошувач на нафтата од ИД

Русија: Турција е главен потрошувач на нафтата од ИД

Турското раководство, вклучувајќи ги и претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговото семејство, е вмешано во илегална трговија на нафта со милитантите од Исламска држава, соопшти руското министерство за одбрана и додаде дека Турција е главен купувач на нафта што се шверцува од Сирија и од Ирак.

Заменик-министерот за одбрана, Анатолиј Антонов, рече дека Русија има сознанија за три познати рути за шверцување нафта во Турција.

Во обраќањето на новинарите во врска со мерките за борба против меѓународниот тероризам, руските претставници велат дека една од рутите оди од турско пристаниште на брегот на Средоземно Море, од каде нафтата се префрлува во другите држави.

Министерството се повикува на сателитски снимки на кои се гледа како цистерни со нафта ја минуваат границата на Сирија и на Турција.

Истиот извор наведува дека стотина возила превезуваат нафта преку сириско-турската граница.

Министерството најави дека идната недела ќе претстави информации кои покажуваат дека Турција ѝ помага на Исламска држава.

Руските власти велат оти нивните сили не забележале дека Американците ги гаѓаат танкерите на терористите и додадоа дека од почетокот на руските операции во Сирија, бројот на танкерите на терористите на ИД е значително намален.
– Приходите од продажбата на нафтата не само што одат за богатење на турското раководство, туку и за вооружување на милитантите во Сирија – рече заменик-шефот на операцијата, Сергеј Рудској.

Тој додаде дека во последните два месеци во руските воздушни напади се уништени 32 објекти на Исламска држава за производство на нафта и 11 рафинерии.

Руските власти ја повикаа Турција да дозволи пристап до местата каде, според податоците на Москва, се наоѓаат центрите за шверцување нафта од Исламска држава.