Подглавна секција Русија ја презеде контролата врз подружниците на „Данон“ и „Карлсберг“ во земјата

Русија ја презеде контролата врз подружниците на „Данон“ и „Карлсберг“ во земјата

„Данон“ соопшти дека ја истражува ситуацијата и дека се подготвува да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на нејзините права како акционер во руската подружница

Danone Русија, CC BY 2.5 , via Wikimedia Commons

Руската држава ја презела контролата врз руската филијала на францускиот производител на јогурт „Danone“ (Данон), како и уделот на пивската компанија „Carlsberg“ (Карлсберг) во локална пивара, покажува указ потпишан од претседателот Владимир Путин.

Како што објави Гардијан, во декретот објавен вчера се вели дека руската држава „привремено“ ќе управува со акциите на „Данон Русија“ и на „Балтика“ која е во сопственост на „Карлсберг“.

„Данон“ соопшти дека ја истражува ситуацијата и дека се подготвува да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на нејзините права како акционер во руската подружница.

„Балтика“, пак, е водечка компанија за производство на пиво во Русија, со приближно 30 отсто удел на пазарот. Карлсберг во март објави дека ќе го продаде целокупниот дел од своите активности во Русија каде што брои 8.400 вработени.

„По претседателскиот декрет, изгледите за овој процес на продажба сега се многу неизвесни“, се вели во соопштението на Карлсберг.

Потегот на Москва следува откако претходно во април руските подружници на германската „Uniper“ (Унипер) и финската „Fortum“ (Фортум) беа исто така ставени под државна контрола.

Кремљ тогаш предупреди дека може да заплени повеќе западни средства како одмазда за, како што рече, странските потези против руските компании во другите држави.