Македонија РЕК Битола: Ако има ветер, нема како да се спречи разнесувањето на...

РЕК Битола: Ако има ветер, нема како да се спречи разнесувањето на пепелта

Пепелта што излегува од РЕК Битола и која претставува голем еколошки проблем за битолчани, и во следните девет години како и досега ќе се истура во т.н касети, кои потоа сe затрупуваат со земја.

Според директорот за развој на инвестиции во РЕК Битола, Тони Паспаловски, најголем проблем е кога во моментот на истурање на пепелта во касети, ќе дувне ветер и тој ја разнесува во околината.

„Пепелта по ленти оди на одлагачи кои ја истураат во касети. И при ставање во земја, посебно при јужен ветер, се појавува прашина од пепел. Има подготвено ревидиран проект за одлагање на пепелта до 2025 година и треба да се направат нови касети“, додаде Паспаловски.

На местата каде што пепелта е затрупана со земја, Паспаловски вели дека секоја година се садат багремови дрвја.

Како дополнителни еколошки мерки се најавени реконструкција на филтрите и намалување на загадување преку процесот на десулфуризација.