Македонија Реагенсите од исклучените фрижидери на ИЈЗ се функционални

Реагенсите од исклучените фрижидери на ИЈЗ се функционални

Пред три дена во оваа институција беше востановено дека комора и фрижидер на Одделението за бактериологија биле оставени без електрично напојување поради исклучен осигурувач

Фото: Мета.мк

Молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија, информираа денеска од Институтот за јавно здравје.

Пред три дена во оваа институција беше востановено дека комора и фрижидер на Одделението за бактериологија биле оставени без електрично напојување поради исклучен осигурувач. Истиот ден бил направен увид на подлогите за работа, реагенсите и антибиотиците за антибиограм и биле направени микробиолошки анализи за проверка на нивниот квалитетот и исправност, кои покажале дека се функционални.

Од ИЈЗ посочуваат дека преземаат и дополнителни мерки за унапредување на биолошката сигурност.

„Раководството на ИЈЗ ќе ги имплементира сите работни процедури во насока на подобрување на безбедноста како и унапредување на квалитетот на услугите кои ги дава“, посочуваат од оваа институција.

Претходно, в.д. директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, посочи дека е симптоматично е што од разводните табли со стотина осигурувачи, спуштени се само оние кои се поврзани со фрижидерот, како и дека очекува институциите да ги проверат нивните сомнежи за саботажа.

„Констатиравме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се раводните табли. Тоа е претпоставка, дали е случајно, дали е намерно, оставаме да се испита“, кажа Андоновска на прес-конференција.