Македонија Пругата Скопје-Велес ќе биде затворена за сообраќај од 8 до 14 часот...

Пругата Скопје-Велес ќе биде затворена за сообраќај од 8 до 14 часот до 10 јули

Од јавното претпријатие велат дека затворањето на пругата е поради извршување на работни задачи на одржување, со цел зголемување на брзината на движењето на возовите

Фото: Архива на Мета.мк

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура информира дека пругата Скопје-Велес ќе биде затворена за сообраќај од 26 јуни до 10 јули во периодот од 10 до 14 часот поради изведба на санациони работи. Патничките возови Скопје-Велес и Велес-Скопје, кои поаѓаат од 9:15 часот од Скопје, односно од 12:10 часот од Велес нема да сообраќаат овој временски период, освен во недела кога истите ќе сообраќаат според возниот ред.

Преостанатите патнички возови меѓу Скопје и Велес ќе продолжат да сообраќаат во овој временски период.

Од јавното претпријатие велат дека затворањето на пругата е поради извршување на работни задачи на одржување, со цел зголемување на брзината на движењето на возовите.

Во овој период е предвидено да се сменат праговите и шините на пругата, откако изминатава пролет со специјално шинско возило се испитуваше железничката инфраструктура, по што се констатираше дека пругата е во лоша состојба и се донесе одлука од 22 март возовите да сообраќаат со брзина од 20 километри на час. Поради ваквото ограничување на брзината, патничките возови вообичаено доцнат во пристигнување во Скопје и во Велес по речиси половина час.