Дописници Протест и незадоволство поради новата капела во Прилеп

Протест и незадоволство поради новата капела во Прилеп

Жителите од месните заедници Тапани и Корзо, денеска одржаа мирен протест пред старите градски гробишта во Прилеп, на местото каде е планирано да се изгради втората капела во градот.

Овој протест, како што велат мештаните, не е против изградбата на капелата туку против локацијата на која таа е планирана, која се наоѓа на само пет метри од нивните дворови.

За револтот да ескалира до степен на протест, послужило и тоа што не биле примени на разговор кај градоначалникот на Прилеп,  Марјан Ристески, кога со себе ја носеле и петицијата потпишана од жителите на овие населени места.

Надлежните во секторот урбанизам дури и ги обвиниле дека тие се виновни што куќите ги направиле во непосредна близина на гробиштата.

Иако неколкупати ги повикувале надлежните, како и градоначалникот на Прилеп, да излезе на терен и да се увери во фактичката состојба, велат, досега немаат никаков одговор.

Жителите на овие населени места во Прилеп, најавуваат дека протестите ќе бидат мирни сè додека надлежните не пројават интерес за нивниот проблем, а доколку продолжат со реализирање на своите зацртани планови, протестот ќе биде радикализиран.