Дописници Претставeно поетското творештво на Славе Ѓорѓо Димоски

Претставeно поетското творештво на Славе Ѓорѓо Димоски

На Научна и уметничка визита на МАНУ, синоќа, во Куќата „Уранија“ во Охрид, беше претставено поетското творештво на Славе Ѓорѓо Димоски, собрано во книгата „Поезија – Ткаења“.

Промотивен збор за творештвото на Димоски имаа академик Катица Ќулавкова и Мите Стефоски, директор на „Струшки вечери на поезијата“, додека избор од поезијата на авторот читаа актери од театарската група „Аматер“.

– Откако на едно место, во една книга, ќе се собере севкупното творештво на еден поет, на читателот и на толкувачот на неговата поезија му стануваат достапни сите аспекти на поетскиот опус. И не само тоа, возможно е да се погледне и творечкиот опус како една целина, како едно големо сликарско платно чии содржини и форми се изразени со зборови низ симболика на јазикот. Кај Димоски се забележува тематска разноврсност и отвореност така што не може да се употреби слоганот дека „поетот цел живот пишува една книга, на една глобална тема“ – напомена академик Ќулавкова.

Димоски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои наградите „Млад борец“, „Млада Струга“, „Златно јаболко“, „Браќа Миладиновци“, „Гран-при на Европа“ во Романија, „Златна есен – Сергеј Есенин“ во Русија, а двапати е лауреат на највисокото општинско призније – „Св Климент Охридски – патрон на Охрид“.