Македонија Претседателот Иванов им го честита Божик на верниците и на г.г. Стефан

Претседателот Иванов им го честита Божик на верниците и на г.г. Стефан

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник Раѓањето Христово – Божик.

„Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рождество Христово – Божик. На овој величествен ден чувствуваме радост и благодарност кон блиските, потсетувајќи се дека најголемата среќа е во едноставните работи, во топлината на домот и во миговите поминати со семејството и со ближните, во благородните дела кон оние на кои им е потребна нашата помош, споделувајќи добрина и меѓусебно разбирање“, стои во честитката од Иванов.

Претседателот додава и дека Божик е празник на мирот, празник на слогата и на единството.

„Одбележувајќи го Христовото раѓање, ја славиме безусловната љубов како онаа која мајката ја дава на своето дете, ја славиме победата над предрасудите, разликите и над поделбите. Овој празник нè потсетува на учењето на Божјиот син, да бидеме човечни и хумани, да бидеме солидарни и праведни. И во годините кои следуваат соживотот, заемното помагање и почитување треба да се наша водилка, наш белег и заложба“, се наведува во честитката.

Иванов, честитајќи му го големиот христијански празник на г.г. Стефан, му посака добро здравје и спокоен духовен живот, додека на верниците од православна христијанска вероисповед им посака убаво празнично расположение, да бидат опкружени со своите најблиски и да се исполнети со радост.