Македонија Премиерот Груевски им го честита Божик на верниците

Премиерот Груевски им го честита Божик на верниците

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА и до сите православни верници по повод големиот христијански празник Божик.

„Христовото раѓање и симболиката на Божик е една од најсилните поткрепи на секој верник. Овој ден нè потсетува дека Бог во својата намера да го доближи човекот до себе, одлучи и самиот тој да стане човек и да ги преземе врз себе сите слабости и гревови на човековата природа. Токму затоа, Божик е најубавиот и најрадосниот христијански празник. Да одбележиме, но и да се потрудиме да вратиме со добри дела, со чиста мисла, со љубов, толеранција и со трпение. Да го празнуваме заедништвото со Бога и да се помолиме и во иднина Бог да биде со нас во сите тешкотии за да ги надминеме, во секоја тага за да ја пребродиме и во секоја радост за да ја удвоиме“, стои во честитката.

Груевски додаде дека посакува нашите срца и домови да бидат отворени за нашиот Бог, за сета добрина и милостина и од нив да блика светлина која ќе ја рашири божикната магија од милосрдие и радости.

„Нашите молитви нека донесат многу здравје, успех и благосостојба на сите верници во Република Македонија и секаде во македонската дијаспора. Нека Бог донесе мир и љубов во сечие срце! Нека неговата мудрост ни донесе благосостојба и многуброен пород! Нека е за многу години големиот христијански празник – Божик! Христос се роди!“, се наведува во честитката.