Македонија Посмртно слово за мерната станица „Битола-2“

Посмртно слово за мерната станица „Битола-2“

Битола

Мерната станица „Битола-2“ е новиот споменик на екологијата во Битола. Откако 800 дена не работи и не го мери аерозагадувањето во градот, Здружението на граѓани „За нас се работи“ на групата „Битола сака чист воздух“, која брои околу 12.000 членови на социјалната мрежа Фејсбук, денеска положи свежо цвеќе пред мерната станица, читајќи посмртно слово за нејзината прерана смрт под неразјаснети околности.
– На овој голем ден за Битола, сакаме да ти оддадеме почит, тебе, наша драга и никогаш непрежалена мерна станица „Битола-2“. Додека работеше, им даваше навремени и точни информации на битолчани, за квалитетот на нашиот, сега веќе пресушен, тогаш чист воздух. Твојата прерана смрт под нерaзјаснети околности не ги потресе тие кои требаше да се грижат за твоето здравје и кондиција. Но, со твоето прерано заминување, ние совесните битолчани, загубивме многу – цитираше Иван Јерчиќ, член на иницијативниот одбор.
Реквиемот за мерната станица заврши со надеж дека, сепак, битолчани нема да останат без навремната и точна информација каков воздух дишат, кои се виновниците за аерозагадувањето и какви сè санкции ќе бидат преземени.
– Со гнев во срцето , но со разум во нашите глави, ти оддаваме почит, се надеваме дека историјата ќе биде милостива кон нас и кон тебе и многу скоро ќе те наследат нови мерни станици. Тие, исто како тебе, навремено и точно ќе нè информираат за квалитетот на воздухот – рече Јерчиќ.
Протестот за чист воздух ќе почне во 18 часот од пред споменикот на Стив Наумов на Широк сокак и ќе се маршира сè до Центарот за култура, каде вечерва ќе бидат доделени четвртоноемврсиките награди.