Македонија Поднесено обвинение против терористичката група од Диво Насеље

Поднесено обвинение против терористичката група од Диво Насеље

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против 29 осомничени за настаните во кумановско Диво Насеље, кои се случија на 9 и на 10 мај годинава, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, осомничените се товарат за терористичка организација и за тероризам.

„Врз основа на досегашните докази од истрагата во врска со кумановските настани од 9 и од 10 мај годинава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинение против 29 лица. Обвинетите се товарат за сторени кривични дела терористичка организација од член 394-а и тероризам од член 394-б од Кривичниот законик. Надлежниот обвинител во исто време достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетите“, стои во соопштението на обвинителството.

Истрагата на обвинителството за кумановските настани траеше шест месеци, односно беше почната на 10 мај, веднаш по апсењето на осомничените во Диво Насеље.

Полицијата, минатиот месец, спроведе две дополнителни  акции, во кои, како што информираа оттаму, беа извршени претреси на повеќе локации во скопскиот и во кумановскиот регион и беа уапсени  неколу лица, под сомневање дека биле јатаци и логистика на кумановската група.