Македонија Почина диригентот Саша Николовски-Ѓумар

Почина диригентот Саша Николовски-Ѓумар

На 50-годишна возраст, денеска почина Саша Николовски-Ѓумар, еден од најдобрите македонските диригенти.

Тој беше роден во Битола во 1966 година. Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија го завршил како најдобар студент на генерацијата. За време на студиите, се запишал и на отсекот за композиција и за диригирање, на кој дипломирал со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

Во 1999 година магистрирал со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учел оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев.

Од 1998 година на Факултетот за музичка уметност предаваше хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Саша Николовски-Ѓумар ја предводеше и македонската филхармонија во Македонскиот народен театар за Божиќниот концерт на 7 јануари.