Македонија Почина 25-годишен војник на АРМ, му се слошило на Криволак

Почина 25-годишен војник на АРМ, му се слошило на Криволак

Армискиот припадник го почнал 24-дневниот селективен курс во добра здравствена состојба и одлична физичка подготвеност, велат од Армијата

Фото: mod.gov.mk (мај 2024)

Професионален војник со иницијали А.Ј. (25) починал вчеравечер на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ, соопшти утрово Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Војникот бил еден од кандидатите кои го посетувале селективниот курс за баталјонот за специјални сили, што изминатите дваесетина денови се одвива на полигонот „Криволак“.

Како што соопштија од Армијата, на професионалниот војник, на самиот завршеток од изведувањето на последната дисциплина од селективниот курс, марш на долго растојание, без претходни видни знаци, моментално му се слошило по што паднал во бессознание.

Со армиско болничко возило и придружба на воен лекар бил однесен во најблиската здравствена установа – здравствениот дом во Неготино, по што бил упатен во КАРИЛ во Скопје. Вработените во КАРИЛ пристапиле кон преземање на сите мерки на реанимација, но по кратко време била констатирана смрт.

Армискиот припадник го почнал 24-дневниот селективен курс во добра здравствена состојба и одлична физичка подготвеност, велат од Армијата.

Јавен обвинител кој ќе ја води истрагата, дал насоки за понатамошна постапка и утврдување на околностите под кои настанал несреќниот случај. Официјалниот извештај за причините поради кои настанала смртта ќе бидат соопштени по извршена обдукција.