Дописници По десетти пат „Локум-фест“ во Битола

По десетти пат „Локум-фест“ во Битола

По десетти пат, Битола утре ќе биде домаќин на „Локум-фест“, манифестацијата на која во Старата битолска чаршија ќе се јаде локум, ќе се пие кафе и ќе се слуша музика.

Во Стара битолска чаршија ќе настапат „Етно трип“ од Словенија и групата „Прва севда“ од Македонија.

– Храбро ги издржавме сите премрежиња, искуства и добри моменти поттикнати и инспирирани од конзулска Битола, од она што значи култура, традиција, живо културно наследство, архитектура. Фестивалот својот зародиш го имаше во 2007 година, а името го доби како синоним на локумот и на кафето кои си ги разменуваа соседите, добронамерниците во знак на пријателство – вели Тоше Ивановски, организатор и претставник на Центарот за културна деконтаминација од Битола.

На фестивалот посетителите преку стари фотографии ќе можат да ја слушнат приказната за Битола низ вековите, а на повеќе штандови ќе бидат изложени ракотворби, изработени од битолчанки.

Во изминатите години на „Локум-фест“ во Битола настапија повеќе од 45 етно-групи од Балканот и од светот.