Македонија Пендаровски: Дискриминацијата е една од најголемите закани за човековите права

Пендаровски: Дискриминацијата е една од најголемите закани за човековите права

Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани, вели Пендаровски

Фото: Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

Дискриминацијата е една од најголемите закани за човековите права и слободи, а наша обврска како земја која има аспирации да биде дел од меѓународните организиции на евроатлантските демократии е да овозможиме ефикасно и неселективно спроведување на законот, како и што доликува на едно отворено и демократско општество, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на конференцијата „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“, организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Пендаровски во обраќањето се повика на анкетата на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која покажува дека потребен е значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за да се подобрат состојбите.

Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги.

„Посебно треба да нѐ загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, пред сѐ и најчесто поради недоверба во системот. Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани“, рече Пендаровски.

Причините за дискриминацијата ги има повеќе, а, како што вели, ги знаеме и ги живеееме сиве овие години. Претседателот изјави дека од стереотипите и стравот од различните од нас, повеќедецениската партизација на институциите, етнизација на политиката и намалената доверба на граѓаните во државните структури, на локално и на централно ниво.

„За драстично редуцирање на системската дискриминација, неопходно е таа да биде адресирана од повеќе агли. Централна улога во овој процес има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која што за нецели три години разгледа стотици претставки и донесе свои одлуки и мислења. Потребно е сите надлежни институции, вклучително и на прво место, политичките фактори, да ѝ дадат целосна поддршка на Комисијата да работи непречено и со полн капацитет“, додаде тој.

Според него, спречувањето и заштитата од дискриминација не е обврска само за Комисијата, туку и на секоја државна институција која треба да даде пример во таа насока.

Минатата година, Кабинетот на претседателот со Комисијата потпиша Меморандум за соработка, со цел, да ги координираат активностите за заштитата, и целосното и еднакво уживање на човековите права и слободи за сите граѓани на Северна Македонија.

„Сите ние се раѓаме слободни и еднакви со вродено човеково достоинство. Водени од принципите на правдата и правичноста да се стремиме да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи. Да живееме едни со други независно од нашите разлики, во фер општество и фер држава која ќе понуди еднакви можности за исполнет, среќен и достоинствен живот за секој од нас“, рече Пендаровски.

Конференција е организирана во рамки на проектот „Борба против дискриминација преку поддршка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“ со поддршка на Британската амбасада Скопје, а реализиран од Центарот за управување со промени.