Македонија „Патот до НАТО“- документарен филм со сведоштва за историскиот пат на нашата...

„Патот до НАТО“- документарен филм со сведоштва за историскиот пат на нашата држава

Фото: НАТО | nato.int

Република Северна Македонија стана рамноправна членка на НАТО пред две години. Откако претседателот Стево Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, на денешен ден, в.д. амбасадорката на Северна Македонија во САД, Вилма Петковска му го предаде оригиналниот документ на ратификација на американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер.

Неколку дена потоа, во услови на пандемија, на церемонија која се одржа со ковид-протоколи,  државното знаме се крена пред седиштето на НАТО во Брисел и во Командата на сојузничките сили за операции во Shape – Монс и Командата на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија.

Но, патот до моментот кога станавме триесетта земја членка на Алијансата започна во декември 1993 година, кога Собранието на, тогаш, Република Македонија ја усвои Резолуцијата за пристапување на РМ во НАТО (Северноатлантската договорна организација).

По повод двегодишнината од нашето членство во НАТО Алијансата, невладината организација Нексус – Граѓански концепт изработи документарен филм со сведоштва за историскиот пат.