Подглавна секција Падна холандската коалициска влада, Руте му ја достави оставката на кралот

Падна холандската коалициска влада, Руте му ја достави оставката на кралот

Разликите меѓу четирите коалициски партнери околу миграциската политика се непремостливи. Жалам поради овој чекор, но тоа е политичка реалност, изјави холандскиот премиер во оставка

Фото: ©RVD – Valerie Kuypers en Martijn Beekman

Холандската влада падна поради несогласување меѓу коалициските партии околу политиките за азил, изјави денеска премиерот Марк Руте, по вчерашното распаѓање на коалицијата.

Четирите партии, пишува Би-би-си, не беа во можност да најдат договор во кризните разговори со кои претседаваше вчера Руте.

„Разликите меѓу четирите коалициски партнери околу миграциската политика се непремостливи. Жалам поради овој чекор, но тоа е политичка реалност“, изјави холандскиот премиер.

Владата беше формирана пред година и пол, но партиите веќе подолго време се противат на миграцијата.

Руте оствари средба со кралот Вилем-Александар во Хаг за да разговара за наоѓање привремено решение.

Тој на кралот му ја врачи оставката на неговата четирипартиска коалиција, што ќе значи дека поделената Холандија ќе оди кон општи избори оваа година, јавија светските агенции.

Кралот Вилем-Александар се врати од семеен одмор во Грција за да се сретне со Руте.

Тој замина по околу час и половина, велејќи им на новинарите: „Беше добра дискусија, но не кажувам ништо друго бидејќи овие дискусии се доверливи“.

Конзервативната партија ВВД на Руте се обидуваше да го ограничи протокот на баратели на азил, по спорот минатата година за пренаселените миграциски центри. На неговите планови се спротивставија неговите помали коалициски партнери.

Тој го потврди падот на владата на прес-конференција во вчера вечерта и додаде дека министрите ќе ја продолжат својата работа како привремен кабинет пред новите избори.

Локалните медиуми објавија дека нови избори најверојатно ќе се одржат кон средината на ноември.

Од почетокот на 2022 година на власт е коалициска влада во која учествуваат десно-либералната ВВД на премиерот Руте, лево-либералната Д66, демохристијанската ЦДА и Христијанската унија. Марк Руте е веќе 13 години на премиерската функција, а ова му е четврта влада со која раководи.