Ctrl - Z Отворено 12. издание на „Џифони Македонија“

Отворено 12. издание на „Џифони Македонија“

Фестивалот годинава започна со проекција на филмот „Последниот пат кога бевме деца“ на Клаудио, кој ја остави публиката без зборови со својата топла, но и трогателна приказна, а некои сцени од филмот добија аплаузи

Од отворањето на 12-тото издание на „Џифони Македонија“ / фото: Џифони Македонија

Вчеравечер во салата на киното „Милениум“ во Скопје, со присуство на повеќе од 400 млади од осум земји, започна 12-тото издание на фестивалот „Џифони Македонија“.

Фестивалот годинава започна со проекција на филмот „Последниот пат кога бевме деца“ на Клаудио, кој ја остави публиката без зборови со својата топла, но и трогателна приказна, а некои сцени од филмот добија и аплаузи.

Директорот на фестивалот Дарко Башески им посака на учесниците да бидат редовни, да се осмелуваат да кажат што мислат, но и да се забавуваат. Тој му се заблагодари на Клауди Губитози, идејниот творец на „Џифони Италија“.

„Пред 12 години тој виде потенцијал во нас и веруваше и повеќе од нас самите дека ќе направиме фестивал. Неговиот дух нè води сиве овие години да одиме напред“, рече Башески.

Работниот дел на фестивалот започнува денеска. Најмладите учесници – јуниори (од шесто до деветто одделение) во Кинотеката ќе го проследат филмот „Планета 7693“, во режија на Гојко Беркуљан. Филмот е продукција помеѓу Црна Гора, Србија и Македонија. Во Младинскиот културен центар од денес се среќаваат сениорите и кадетите. Освен краток игран филм, кадетите денеска ќе го гледаат холандско-белгискиот „Кога изгубивме од Германците“. Највозрасните џифонци, односно сениорите (трета и четврта година средно) ќе го гледаат италијанскиот „Моето лето со Ирене“ во режија на Карло Сирони.

Од денеска започнува и програмата Edu Cuts разговори, што е дел од Edu Cuts конференцијата, а ќе започне во 15.45 со презентација на младинска филмска продукција, за зајакнување на младинската креативност. Ќе бидат презентирани резултатите од работилниците што се реализираат во рамките на проектот Edu Cuts, од работилниците што во изминатиот период беа реализирани под менторство на платформата First Film First и 20 млади автори ги развија своите први филмски проекти. Во јули во Сараево околу 30 млади учествуваа на работилница со продуцентот Милан Стојановиќ, каде научија многу за филмска продукција. На работилницата Teen Doc во Ужице, повеќе од 20 луѓе учеа како да снимат краток документарец и како резултат на тоа, веќе се снимени четири филма. Исто така, на PriFest во Приштина и работилницата „Кино Кабаре“ беа снимени уште неколку филма, како и на Creative Yees работилницата 20 млади од Косово и Македонија снимија кратки филмови и поткасти.

Од 17 часот ќе следува средба со јутјуберот Иван Ајнштајн. Познат по своите хитови „Да ти врне“ и „Хакуна Матата“, овој музичар во исто време е и видеомонтажер и камерман. Џифонци ќе можат да научат повеќе за неговиот креативен пат.