Дописници Откриен идентитетот на момчето што почина во Охрид

Откриен идентитетот на момчето што почина во Охрид

Полицијата го соопшти идентитетот на починатото лице пронајдено во центарот на Охрид. Станува збоор за Димитар М. (27) од Охрид, кој им подлегнал на повредите во општата болница во Охрид, откако претходно пред  кафе-барот „Табана“ бил физички нападнат од еден државјанин на Република Србија.

На нападот му претходела жестока вербална расправија помеѓу две групи, во кои, од една страна бил сега починатиот Димитар и уште други двајца негови пријатели, а од другата страна бил српскиот државјанин од Краљево со уште двајца свои пријатели, информираше портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.

Од местото на настанот, Димитар М., кој имал сериозни телесни повреди, со возило на брза помош бил пренесен во општата болница во Охрид, каде по половина час им подлегнал на повредите.

За целосно расчистување на овој случај, СВР од Охрид го обезбедиле местото на настанот и во присуство на јавен обвинител бил извршен увид и биле обезбедени материјални докази.

По добиени сознанија и усна наредба од судија во претходна постапка, бил извршен и претрес во седум соби во објектот „Табана“, за пронаоѓање на сторителите на кривичното дело.

Во една од собите, бил пронајден српскиот државјанин за кого постојат основани сомнежи дека е сторител на физичкиот напад врз сега починатиот. Во истата соба, биле пронајдени и обезбедени траги од крв и на дел од облеката на осомничениот.

Во другите простории, биле пронајдени вкупно пет други српски државјани, кои биле заедно со осомничениот и биле соучесници во нарушувањето на јавниот ред и мир во објектот. Сите лица биле приведени во СВР од Охрид, а три од нив по дополнителни оперативни мерки се лишени од слобода.

Во тек се истражни дејства, што во СВР Охрид се вршат во содејство и координација со јавниот обвинител. По наредба на јавниот обвинител, денеска беше извршена обдукција врз телото на починатиот.