Македонија Опожарен автомобилот на битолчанец кој на „Фејсбук“ ја критикувал власта

Опожарен автомобилот на битолчанец кој на „Фејсбук“ ја критикувал власта

Ноќеска е опожарен автомобилот на битолчанецот Марјан Јовановски. Неговата „тојота“ целосно изгоре, а автомобилот на соседот е делумно оштетен. Настанот се случил на улицата Нико Фундали во Битола.

Јовановски се сомнева дека опожарениот автомобил е порака до него за неговите пишувања на „Фејсбук“ како остар критичар на актуелната власт.

– Ништо не работам, со ништо не се занимавам. На „Фејсбук“ пишувам против власта, што е и нормално. Најверојано ова се закани оттаму, зошто пред тоа немаше ништо. Не се до толку ненормални прво да ми се закануваат – вели Јовановски.

Според него, силна детонација ги разбудила ноќеска околу три часот. Прво се слушнала една експолозија, па потоа уште една, откако од огнот испукале и гумите на возилото.

– Застанав на прозорецот зошто се плашев да излезам на балконот. Дома сите сме стресени, и јас и фамилијата – вели Јовановски.

А.Б.