Денеска се одржа конференцијата „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“, организирана во чест на одбележувањето 85 години од раѓањето на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој почина во 2022 година.
Конференцијата на тема: „Како Македонија може да стане пристојно место за живеење“, е во организација на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На настанот беа промовирани книгите „Собрани стручни трудови“ од Ѓорѓи Марјановиќ и „Разговори со професорот Ѓорѓи Марјановиќ“ од Бранко Секуловски.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, говорејќи за професорот Марјановиќ, го нарече првото перо на југословенското кривично право, совест на правниот факултет и на општеството и луциден интелектуалец кој имаше чиста совест и критички став за секое општествено и политичко прашање.
Таа посочи дека за прашањето поврзано за името, професорот Марјановиќ укажуваше на апсурдноста на спорот.
„Осврнувајќи се на именувањето кон нас, велеше дека е несфатливо како може едно име да се користи на беџот, друго на столчето, трето во документите, четврто во говорната практика и велеше дека дискриминацијата не може да се практикува од Советот на Европа и дека некои нешта едноставно не се бранат“, рече во обраќањето претседателката.
Таа додаде дека професорот Марјановиќ и во надворешната политика бил остар и не поднесувал двојни стандарди кон македонскиот случај и велел дека треба да се стави крај на предрасудите кон Балканот.
Претседателката истакна дека Марјановиќ отсекогаш укажувал на европските вредности, бил проевропски ориентиран, осврнувајќи се на негов труд од 1999 – та година, во којшто тој велел дека Македонија е 100 светлосни години далеку од правната држава и декa сѐ додека законите важат за едни, но не и за други, Европа нема да не прими без оглед на тоа колку убави закони прават владите на хартија.
Неговата политичка и животна цел, рече претседателката, беше од Македонија да направиме пристојно место за живеење и тоа го промовираше и во програмата на Лигата за демократија.