Главна секција Обвинителство: Пендаровски нека повика да се изгласа законот за јавно обвинителство!

Обвинителство: Пендаровски нека повика да се изгласа законот за јавно обвинителство!

Архивска фотографија | Мета.мк

По вчерашната прес-конференција на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во која тој побара од надлежните институции ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумпција на невиност, обвиненија против сите инволвирани за кои има докази, без разлика дали се носители на јавни функции, и политичка одговорност од сите политичари, независно дали се од власта или од опозицијата, денеска Јавното обвинителство одговори.

Обвинителите велат дека сега не е момент за напади на институциите и нема да дозволат дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите и сметаат дека претседателот треба да ги повика пратениците да го изгласаат новиот закон за обвинителството, со кој ќе се реши и иднината на СЈО.

„Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, порачува Обвинителството

Во соопштението се упатува порака дека „за посочениот предмет, се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот“.