Македонија Обвинителство му одреди 30 дена притвор на Верушевски

Обвинителство му одреди 30 дена притвор на Верушевски

Основното јавно обвинителство му определи притвор од 30 дена на поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски.
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничено лице, кое се товари за сторено кривично дело – недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, се вели во соопштението од јавното обвинителство.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, до надлежниот јавен обвинител доставил два поднесока против З.В. поради основано сомневање дека сторил две кривични дела. Едното дело е неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали, а другото е прикажување порнографски материјал на дете.

„Врз основа на претходни сомневања за сторени тешки кривични дела, постапувајќи по наредба на судија на претходна постапка за претрес на дом и на други простории, беше извршен претрес во домот на осомничениот. При претресот, покрај другите пронајдени предмети, беа пронајдени и два пиштоли, за кои во моментот на претресот и на одземањето на оружјето не беше пронајдена дозвола за легално поседување. Поради основано сомневање за сторено кривично дело, од страна на јавен обвинител издадена е наредба за вештачење на оружјето“, информираат од МВР.

Оттаму велат дека при претресот е одземен и компјутерски систем, а дигатално форензичката анализа на одземените материјали ќе продолжи во текот на наредните денови.